1 ЈОВАНОВО 4 - Библи?а: Стариот и Новиот Завет, Константинов(MKB)

Духовите треба да бидат проверувани

1Возљубени, не верувајте му на секој дух, туку испитувајте ги духовите - дали се од Бога, зашто многу лажни пророци излегоа во светот.

2По ова познавајте го Духот на Бога: секој дух кој исповедува дека Исус Христос дојде во тело, од Бога е;

3а секој дух кој не исповедува дека Исус Христос дојде во телото, не е од Бога; тоа е духот на антихристот, за кого сте чуле дека иде, и сега е веќе во светот.

4Вие сте од Бога, дечиња, и вие ги победивте, зашто е поголем Оној, Кој е во вас, отколку оној, кој е во светот.

5Тие се од светот, затоа зборуваат светски и светот ги слуша.

6Ние сме од Бога, кој Го познава Бога нѐ слуша нас; кој не е од Бога не нѐ слуша нас. По тоа го познаваме духот на вистината и духот на заблудата.

Бог е извор на љубовта

7Возљубени, да се љубиме еден со друг, зашто љубовта е од Бога и секој кој љуби од Бога е роден и Го познава Бога.

8А кој не љуби, не Го познава Бога, зашто Бог е љубов.

9Во тоа ни се откри Божјата љубов, кон нас, што Бог Го испрати во светот Својот Единороден Син за да живееме преку Него.

10Љубовта е во ова: не дека ние сме Го возљубиле Бога, туку Тој нѐ возљуби нас и Го испрати Својот Син како жртва помирница за нашите гревови.

11Возљубени, ако Бог нѐ возљуби така, и ние треба да се љубиме еден со друг.

12Бога никој никогаш не Го видел; ако се љубиме еден со друг, Бог останува во нас и Неговата љубов стана совршена во нас.

13По тоа познаваме дека остануваме во Него и Тој во нас, што ни дал од Својот Дух.

14И ние гледавме и сведочевме дека Бог Таткото Го испрати Синот како Спасител на светот.

15Ако некој исповеда дека Исус е Син Божји, Бог останува во него и тој во Бога.

16И ние ја запознавме и верувавме во љубовта, која Бог ја има кон нас. Бог е љубов: и кој останува во љубовта, останува во Бога и Бог останува во него.

17Љубовта во нас дојде до совршенство во тоа: ние да имаме смелост во Судниот Ден, зашто каков е Тој, такви сме и ние во светов.

18Во љубовта нема страв, туку совршената љубов го изгонува стравот; зашто стравот вовлекува казна; а кој се бои, не дошол до совршенство во љубовта.

19Ние Го љубиме, зашто прво Тој нѐ возљуби нас.

20Ако некој рече: „Го љубам Бога“, а го мрази брата си, лажец е; зашто кој не го љуби брата си, кого го видел, не може да Го љуби Бога, Кого не Го видел.

21И оваа заповед ја имаме од Него: кој Го љуби Бога, да го љуби и својот брат.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help