ЕЗЕКИЕЛ 47 - Библи?а: Стариот и Новиот Завет, Константинов(MKB)

З. Нова Света Земја1. Поток од под Храм

1Потоа ме одведе назад кон вратата на Домот. И ете: вода извираше под прагот на Домот, кон исток - зашто лицето на Домот беше кон исток - и водата истечуваше под десната страна на Домот, јужно од жртвеникот.

2Потоа ме изведе низ северната врата и ме помина наоколу по надворешниот пат кон надворешната врата што гледа кон исток. И ете, водата извираше од десната страна.

3Човекот тргна кон исток со јаже во раката, измери илјада лакти и ме помина преку водата, а водата ми стигнуваше до глуждовите.

4Таму пак измери илјада лакти и ме помина преку водата, а водата беше до колена. И пак измери илјада лакти и ме помина преку водата што беше до појасот.

5Пак измери илјада лакти, ама таму беше поток што не можев да го поминам, зашто водата придојде та требаше да се плива: тоа беше поток што не можеше да се помине.

6И ме праша: „Гледаш ли човечки сине?“ И ме одведе назад, на брегот на потокот.

7И кога се вратив, ете, на брегот имаше многу дрва на обете страни.

8И ми рече: „Оваа вода тече во источниот крај, се спушта во Арабах и тече во морето; а кога ќе се влее во морето, водите ќе му оздрават.

9И каде и да потече потокот, секое суштество што се движи ќе биде живо; и ќе има мошне многу риби, зашто каде и да дојде оваа вода, сѐ оздравува и оживува - каде и да протече овој поток.

10И рибарите ќе рибарат вдолж морето: Од Ен Гад до Ен Еглаим ќе се сушат мрежи; и ќе има мошне многу секакви риби како во Големото Море.

11А мочуриштето на она море и неговите бари не ќе оздрават: ќе бидат за сол.

12Вдолж потокот на обете страни ќе растат секакви овошки: лисјата нема да им паѓаат и од нив нема да снемува плод; секој месец ќе раѓаат нов плод, зашто водата им дотечува од Светилиштето. Нивниот плод ќе биде за јадење, а лисјата за лек.“

2. Граница на земја

13Господ Бог зборува вака: „Ова се границите во кои ќе ја поделите земјата во наследство меѓу дванаесетте Израелеви племиња - на Јосифа два дела. Секому од вас ќе му припадне еднакво од земјата за која се заколнав дека ќе им ја дадам на вашите татковци, а вам ќе ви припадне во наследство.

15И така, овие се границите на земјата: на север, од Големото Море патем кон Етлон до влезот во Емат: Седад,

16Вирот, Сивраим, меѓу областа на Дамаск и областа на Емат, и Асад Атихон, кон Авранската граница.

17И така, границите ќе се тегнат од морето до Асар Атихон, кому на север му е Дамасканското и Ематското подрачје - северната страна.

18Источната страна: меѓу Авран и Дамаск, меѓу Галад и Израелевата Земја, па до Јордан како граница кон Источното Море до Тамар - источната страна.

19Јужната страна: кон југ од Тамара до Меривските Води и до Кадис па до потокот кон Големото Море - јужната страна, кон југ.

20А западната страна: граница е Големото Море, па во близина до влезот во Емат - тоа е западната страна.

21Таа земја разделете ја меѓу себе според Израелевите племиња.

22Ќе ја поделите со жрепка во наследство меѓу себе и меѓу придојдениците, кои што живеат сред вас и што сред вас народија деца. И нив ќе ги сметате домородци меѓу Израелевите синови, за да добијат и тие наследство со жрепка меѓу Израелевите синови.

23На секој тој придојденик доделете му наследство во племето во кое што живее“ - говори Господ Бог.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help