1Додека Израел живееше во Ситим, народот почна да блудствува со Моавските ќерки.
2Тие го повикуваа народот на жртвувањата на своите богови, а народот јадеше на нивните гозби и им се поклонуваше на нивните богови.
3Така Израел се прилепи до Фегорскиот Ваал. И Господ пламна со гнев против Израел.
4„Собери ги сите народни началници - му рече Господ на Мојсеја. Обеси ги пред Господа на бел ден, за да се одврати Господовиот гнев од Израел.“
5Тогаш Мојсеј им рече на израелевите судии: „Нека секој ги погуби оние свои луѓе, кои се прилепија до Фегорскиот Ваал.“
6Токму тогаш некој од Израелевите синови дојде и доведе една Мадијанка при своите браќа, пред очите на Мојсеја и пред очите на сето Израелско општество, кое заплака при влезот од Шаторот на средбата.
7Кога Финес, синот Елеазаров, синот на свештеникот Арон, го забележа тоа, стана пред заедницата: зеде копје во раката
8и тргна по Израелецот, во лежиштето, и ги прободе двата, Израелецот и жената; неа низ слабините, па прекрати поморот на Израелевите синови.
9А тие кои изумреа од поморот беа дваесет и четири илјади.
10Господ му рече на Мојсеја:
11„Финес, синот Елеазаров, синот на свештеникот Арон, ја одврати Мојата јарост од Израелевите синови, зашто покажа ревност за Мене, и Јас не ги истребив Израелевите синови во Мојата ревност.
12И така кажи му: ‘Еве, со него склучувам завет на мир.
13Тоа нека биде за него и за неговите потомци, после него, завет на вечно свештенство, зашто ревнуваше за својот Бог и ги застапи Израелевите синови.’“
14Името на Израелецот кој беше убиен - на оној кој беше погубен заедно со Мадијанката - беше Зимриј, син на Салу, началник на еден татковски дом на Симеоновците.
15А името на убиената жена Мадијанка ѝ беше Хазвија. Беше Сурова ќерка. Сур беше родовски главатар на едно семејство во Мадијан.
16Господ му рече на Мојсеја:
17„Завојувај против Мадијанците и порази ги,
18зашто и тие војуваа против вас со итрина и ве измамија со Ваал-Фегор и со својата сестра Хазвија, ќерка на мадијански началник, која беше погубена во денот на поморот заради Фегор.“
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.