1Тоа се зборовите на Заветот што Господ му го пропиша на Мојсеја за да го склучи со Израелците во Моавската Земја, освен Заветот што го склучи со нив на Хорив.
2Мојсеј го свика сиот Израел па им рече: „Видовте пред свои очи, сѐ што им стори Господ, во Египетската Земја, на фараонот, на сите негови службеници и на целата негова земја:
3големите искушенија што ги видоа твоите очи, силните знаци и чудеса!
4Ама Господ не ви даде до денес разум за да сфатите, очи за да гледате, ни уши за да слушате.
5Ве водев низ пустината четириесет години; облеката на вас не се искина ниту обувките на вашите нозе се скинаа.
6Леб не јадовте; вино ни друг опоен пијалак не пиевте, за да би сте знаеле дека Јас Сум Господ, ваш Бог.
7Кога стигнавте на ова место, Сихон, царот есевонски, и Ог, царот васански, излегоа пред нас на бој, ама ги поразивме.
8Ја зазедовме нивната земја па им ја дадовме во наследство на Рувимовците, Гадовците и на половината од Манасиевото племе.
9Пазете ги и вршете ги зборовите на овој Завет, за да успевате во сѐ што ќе преземете.
10Денес сите стоите пред Господа, својот Бог, вашите племенски главатари, вашите старешини и вашите надгледувачи, сите Израелеви мажи,
11вашите деца, вашите жени, и придојденикот, кој е во твојот логор - од оној, кој ти сече дрва до оној, кој ти носи вода -
12за да стапите во Завет со Господа, својот Бог, во Завет, потврден со заклетва, што Господ, твојот Бог, го склучува денес со тебе,
13за да направи денес од тебе Свој народ, и Тој да ти биде Бог, како што ти рече и како што им се заколна на твоите татковци: на Авраама, Исака и Јакова.
14И не го склучувам денес овој Завет со заклетва само со вас,
15туку и со секој, кој стои денес тука со нас пред Господа, нашиот Бог, и со секој, кој не е денес тука со нас.“
Казна за оставање на Заветот16„Самите знаете како престојувавме во Египетската Земја и како поминавме среде народите низ кои требаше да пропатуваме.
17Ги видовме: нивните расипаности, нивните идоли од дрво и камен, од сребро и злато, што ги имаа.
18Нека нема меѓу вас маж ни жена, род ни племе, чие срце би се одвратило од Господа, нашиот Бог, па да оди и да им служи на боговите на оние народи. Нека нема меѓу вас корен што ќе раѓа отров и пелин.
19Нека никој, откако ќе ги чуе зборовите на ова проклетство, не се надева на благослов, велејќи во своето срце: ‘Без оглед на тоа, ќе бидам среќен, дека ќе можам да одам според жестокоста на моето срце.’ Тоа би го погубило ситиот заедно со гладниот.
20На таквиот, Господ никогаш нема да му прости, туку Господовиот гнев и јарост ќе се излеат врз тој човек, така што секое проклетство, запишано во таа книга, ќе падне на него, па Господ ќе го избрише неговото име под небото.
21Според сите проклетства на Заветов, запишани во книжниот свиток на овој Закон, Господ ќе го отстрани, за негова пропаст, од сите израелски племиња.
22Идното поколение, вашите синови по вас, и странците кои ќе дојдат од далечни земји, кога ќе ги видат лошотиите на оваа земја и болестите, што Господ ќе ги пушти на неа, ќе речат:
23‘Сета негова земја е само сулфур и сол; ниту се сее нешто ниту никнува нешто; никаква тревка не расте на неа; еднаква е на разурнатиот Содом и Гомор, Адма и Севоим, што Господ ги разурна во Својата лутина и гнев.’
24И сите народи ќе се прашуваат: ‘Зошто Господ ѝ направи вака на оваа земја? Каква ли беше жестокоста на тој силен гнев?’
25Тогаш ќе им се рече: ‘Зашто го оставија Заветот што Господ, Бог на нивните татковци, го склучи со нив кога ги изведе од Египетската Земја;
26и бидејќи отидоа да им служат на други богови и им се клањаа ним, на боговите кои не ги познаваа и кои Тој не им ги одреди.
27Затоа Господовиот гнев се излеа на оваа земја, и на неа падна сето проклетство запишано во овој книжен свиток.
28Господ ги откорна од нивната земја во лутина, во расрденост и во голем гнев, па ги фрли во друга земја. Така е и денес.’
29Што е скриено, Му припаѓа на Господа, нашиот Бог, а објавата нам и на нашите синови засекогаш, за да ги вршиме зборовите на овој Закон.“
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.