ЕЗЕКИЕЛ 32 - Библи?а: Стариот и Новиот Завет, Константинов(MKB)

5. Плач по фараона. Беди што доаѓаат

1Во дванаесеттата година, во дванаесеттиот месец, во првиот ден, ми дојде Господовото слово:

2“Човечки сине, заплачи над фараонот, египетскиот цар, и кажи му: ‘Лавче на народите, пропадна! Ти беше како крокодил во водата, шумеше во твоите реки; ја матеше водата со нозете, ѝ ги надигаше брановите!’

3Господ Бог зборува вака: ‘Ете, ќе распнам мрежа над тебе со собир на многу народи: тие ќе те извлечат во Мојата мрежа.

4Ќе те оставам на земјата, ќе удрам со тебе по почвата; ќе ги пуштам на тебе сите небесни птици и ќе ги нахранам земните ѕверови со тебе!

5Ќе ти го расфрлам месото по горите, ќе ги покријам долините со твојата мрша.

6Со тоа што ќе истече од тебе ќе ја напојам земјата; со твојата крв по горите и со неа ќе ги наполнам речните корита.

7А кога ќе те угаснам, ќе ги смрачам небесата и ќе ги згаснам ѕвездите на нив! Со облак ќе го покријам сонцето и месечината не ќе свети со светлина.

8Заради тебе ќе ги угаснам сите светилки на небото; и ќе распрострам мрак над земјата!’ говори Господ Бог!

б. Смут меѓу народи

9’Ќе ги смутам срцата на многу народи кога ќе ги одведам твоите заточеници во земја што ти е непозната.

10Стравот ќе опфати многу народи, а нивните цареви ќе се ужаснат над тебе пред нивни очи. И во денот на твоето паѓање секој ќе трепери непрекратно за својот живот.’

11Зашто Господ Бог зборува вака: ‘Мечот на вавилонскиот цар ќе се спушти врз тебе.

12Твоите множества ќе ги погубам со мечевите на јунаците, на најлутиот од сите народи, ќе ја уништи гордоста на Египет и ќе го сотре сето негово множество.

13Ќе го уништам сиот негов добиток покрај изобилните води и човечката нога веќе не ќе ги гази, ниту животинско копито ќе ги мати.

14Тогаш пак ќе им ги стивнам водите и ќе направам реките да им течат како масло - говори Господ Бог.

15Кога ќе ја направам пустина Египетската Земја, кога ќе биде ограбено што е во неа; кога ќе ги поразам сите нејзини жители, ќе знаат дека Јас Сум Господ.

16Тоа е тажачка што ќе се тажи. Ќе ја тажат над Египет и над сето негово множество - говори Господ Господ.“

б. Плач за Египет

17Во дванаесеттата година, во првиот месец, во петнаесеттиот ден, ми дојде Господовото слово:

18“Човечки сине, тажи по египетското множество, турни го, него и ќерките на славните народи, во подземниот крај, како оние што слегоа во јамата.

19Од кого си поубав? Слези и почини со необрезаните.

20Тие ќе паднат меѓу оние кои мечот ги покоси; на меч се предадоа, ќе добијат легло со сето множество.

21Најхрабрите јунаци ќе му зборуваат од срцето на гробот: ‘Ти и твоите помошници, слезете и починете со необрезаните, покосени од меч!’

22Таму е Асирецот и сето негово мноштво околу неговиот гроб, сите истепани, покосени со меч.

23Гробовите им лежат на дното на јамата, и сиот негов куп е околу неговиот гроб - сите, некогаш ужас во земјата на живите, сега погубени, покосени со меч.

24Таму е и Елам и сето негово мноштво околу неговиот гроб - сите истепани, покосени од меч, необрезани слегоа во подземниот крај на мртвите: некогаш ужас во земјата на живите, сега го поднесуваат својот срам со оние што слегоа во јамата.

25Среде поразените им го сместија леглото: нему и на миожеството околу неговиот гроб - сите необрезани, прободени со меч: некогаш ужас во земјата на живите, сега го поднесуваат својот срам со оние кои слегоа во јама, положени меѓу погубените.

26Таму се Месех и Тувал и сето негово множество, со гробови околу неговиот гроб - сите необрезани, прободени со меч, некогаш ужас во земјата на живите.

27Не лежат со јунаците паднати одамна, во Подземјето слегоа со оружје, со меч под главата и со штит на коските, зашто им беа ужас на јунаците во земјата на живите.

28И ти ќе лежиш среде необрезаните, покосени со меч.

29Таму е Едом и сите негови цареви и кнезови: и покрај своето јунаштво, и тие лежат заедно со оние кои се покосени од меч, со необрезаните, со оние кои слегоа во јамата.

30Таму се кнезовите на север и сите Сидонци, и тие слегоа меѓу прободените. И покрај ужасот на своето јунаштво, необрезаните лежат, со прободените со меч, поднесувајќи го својот срам со оние кои слегоа во јамата.

31Фараонот ќе ги види и ќе се утеши заради своето множество - фараонот и сета негова војска покосена со меч, говори Господ Бог!

32Зашто задаваше страв во земјата на живите, фараонот и сето негово множество лежат со необрезаните, со покосените со меч - говори Господ Бог.“

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help