ВТОРОЗАКОНИЕ 22 - Библи?а: Стариот и Новиот Завет, Константинов(MKB)

Долг во однос кон ближен

1„Кога ќе видиш дека скита вол или овца на твојот брат, не поминувај покрај нив, туку отерај ги при својот брат.

2Ако твојот брат не е близу, или не го знаеш, дотерај ги во својата куќа, па нека останат кај тебе додека твојот брат не дојде по нив. Тогаш врати му ги.

3Така прави со неговото осле, и со неговата наметка, и со сѐ што ќе изгуби твојот брат, а ти ќе го најдеш. Не ти е дозволено да поминуваш покрај неговото.

4Кога забележиш дека ослето на твојот брат или неговиот вол паднале на патот, не отстранувај се, но помогни му да ги дигне.“

5„Жената не смее да става врз себе машка облека, а мажот не смее да се облекува во женски облеки. Кој го прави тоа, одвратен Му е на Господа, својот Бог.

6Ако патем наидеш на птичјо гнездо, со птиченца или со јајца, на дрво или на земјата, а мајката лежи врз птиченцата или на јајцата, не земај ја мајката со пилињата:

7пушти ја мајката на слобода, а земи ги пилињата. Така ќе имаш среќа и долг живот.

8Кога градиш нова куќа, направи ограда на покривот, за да не ја извалкаш со крв својата куќа, кога некој би паднал од неа.

9Не сеј разни семиња во своето лозје, за да не биде изгубен целиот едногодишен приход; и плодот на семето и родот на лозјето.

10Не впрегнувај во плуг заедно вол и осле.

11Не облекувај се во ткаенина исткана заедно од волна и лен.

12Направи реси на четирите краишта на наметката со која се наметнуваш.“

Заштита на жена од лажни обвинувања на сопруг

13Ако некој маж земе жена и влезе при неа, но ја замрази потоа,

14ѝ припише неубавини и ја озлогласи, велејќи: ‘Се оженив со неа ама кога ѝ пристапив, не ги најдов во неа знаците на девственоста’,

15тогаш таткото и мајката на девојката нека го земат доказот на девственоста на девојката, па нека го изнесат пред градските старешини при вратата.

16Потоа таткото на девојката нека им проговори на градските старешини: ‘На овој човек му ја дадов ќерка си за жена, ама ја замрази.

17Затоа ѝ припишува сѐ што е грдо и тврди: „Не ги најдов во твојата ќерка белезите на девственоста.“ Но еве ги девствените знаци на мојата ќерка!’ И нека ја распрострат облеката пред градските старешини.

18Тогаш старешините на оној град нека го земат мажот и нека го казнат;

19затоа што раширил лош глас за една израелска девица, нека го казнат со глоба од стотина сребреници па нека му ги дадат на таткото на младата жена. И таа нека му биде и натаму жена, да не може да ја отпушти додека е жив.“

Казна за прељуба

20„Но ако обвинението - дека не се најде девственоста во младата жена - биде вистина,

21нека ја изведат девојката при куќната врата на нејзиниот татко, па луѓето на нејзиниот град нека ја засипуваат со камења, додека не умре, зашто направила срам во Израел, предавајќи му се на блудот во татковиот дом. Така ќе го откорнеш злото од својата средина.

22Ако некој маж биде најден како лежи со жена мажена за друг, двата - и мажот кој лежеше со жената и самата жена - нека бидат погубени. Така ќе го откорнеш злото од Израел.

23Ако млада девица, верена за некого во градот, ја сретне друг човек и легне со неа,

24доведете ги двата при вратата на тој град па ги опсипувајте со камења додека не умрат: девојката зашто не викаше помош од градот, а мажот дека ја оскверни жената на својот ближен. Така ќе го откорнеш злото од својата средина.

25Ако маж наиде во полето на свршена девојка и легне насила со неа, тогаш нека биде погубен само тој што легнал со неа;

26а на девојката не ѝ прави ништо: нема на неа вина со која би заслужувала смрт. Зашто тоа е како кога некој ќе се нафрли врз својот ближен и ќе го убие.

27Тој ја затекна во полето; и ако свршената девојка викаше, немало никој да ѝ прискокне на помош.

28Ако маж наиде на млада девица, која не е верена, па ја грабне и легне со неа, та биде фатен на дело,

29тогаш мажот кој лежеше со неа нека му даде педесет сребреници на моминиот татко. А бидејќи ја оскверни, нека ја земе за жена, да не може да ја пушти додека е жив.

30Нека никој не се жени со жената на својот татко и нека не ја открива татковата покривка.“

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help