РУТА 2 - Библи?а: Стариот и Новиот Завет, Константинов(MKB)

РУТА И ВОЗ 2:1-23А. Рута во Возова нива

1Ноемина имаше роднина по мажот, човек многу имотен, од Елимелеховото семејство: се викаше Воз.

2Тогаш Моавката Рута ѝ рече на Ноемина: „Сакам да одам во полето за да доприбирам класови по оној, кај кого ќе најдам милост.“ Таа ѝ одговори: „Појди ќерко моја!“

3И отиде, дојде во полето па почна да доприбира зад жетварите. А среќата ја доведе во полето, што му припаѓаше на Воз, од Елимелеховиот род.

4И ете, дојде Воз од Витлеем. „Господ да е со вас!“ - ги поздрави тој жетварите. А тие му одговорија: „Господ да те благослови!“

5Воз му рече тогаш на момокот што ги надгледуваше жетварите: „Чија е онаа млада жена?“

6А момокот, кој беше над жетварите, одговори: „Тоа е младата Моавка што дојде придружувајќи ја Ноемина од Моавските Полиња.

7Прашаше: ‘Дали смеам да доприбирам и да собирам класје меѓу сноповите зад жетварите.’ И ете дојде, и остана од утрото сѐ досега; и само малку влезе во куќата.“

Б. Воз ја фали Рутината вредност

8Тогаш Воз ѝ рече на Рута: „Чуј ме, ќерко моја, не оди да доприбираш кај друг, туку држи се покрај моите ниви и покрај моите трудбеници.

9Внимавај на која нива тие жнијат, па оди по нив. А им наредив на момчињата за да не те допира никој. Кога ќе жедниш, оди при садовите и пиј од тоа што моите слуги ќе налеат.“

10Таа падна на своето лице, му се поклони до земјата и рече: „Со што придобив толкава милост во твоите очи, за да ми посветуваш внимание, кога сум туѓинка?“

11Воз ѝ одговори: „Чув што си направила сѐ за својата свекрва по смртта на твојот маж; како си ги оставила твојот татко, твојата мајка и твојот роден крај па си дошла во народ што до вчера и до завчера не го познаваше.

12Господ нека ти плати за сѐ што си направила, и нека ти додели полна награда Господ, Израелевиот Бог, кога си дошла за да се засолнеш под Неговите крилја!“

13Таа презеде: „Кога би можела секогаш да наоѓам милост во твоите очи, господару, зашто ме утеши и ѝ проговори од срце на својата слугинка, иако не сум како некоја од твоите слугинки.“

14Кога беше време за ручек, Воз ѝ рече: „Дојди ваму, јади од овој леб и топи го твојот залак во оцет!“ Таа седна покрај жетварите, а тој стави пред неа пржени зрна. Јадеше и се насити, и уште ѝ остана.

15Кога стана да доприбира натаму Воз им заповеда на своите слуги: „Таа нека доприбира и меѓу сноповите, а вие немојте да ја навредувате.

16Туку испуштајте класови и од своите ракатки, и оставајте ја нека собира и не ѝ бранете!“

В. Рута ѝ се доверува на Ноемина

17И така дособираше сѐ до вечерта, па тогаш го очукаа она што го имаше доприбрано: беше околу една ефа јачмен.

18Таа го зеде своето и дојде во градот, а свекрвата виде колку дособрала. Тогаш Рута извади и ѝ даде што ѝ остана откако се насити.

19Свекрвата ја праша: „Каде доприбираше денес? Каде работеше? Нека биде благословен оној кој погледна на тебе!“ Тогаш таа ѝ раскажа на свекрвата кај кого работела и рече: „Човекот кај кого работев денес се вика Воз.“

20Тогаш Ноемина ѝ рече на својата снаа: „Нека Господ го благослови оној кој не ги лиши од својата милост ни живите ни мртвите!“ И Ноемина додаде: „Тој човек е од нашиот род; еден од нашите роднини.“

21Моавката Рута раскажа натаму: „Уште ми рече: ‘Држи се покрај моите работници додека не ожнеат сѐ мое!’“

22Тогаш Ноемина ѝ рече на Рута, на својата снаа: „Добро е, ќерко моја, оди по неговите трудбеници за да не ти биде неприлика на некоја друга нива.“

23И така се држеше покрај Возовите работници и доприбираше додека не ги ожнија и јачменот и пченицата. И живееше кај својата свекрва.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help