1„Овие се законите и одредбите што треба да ги пазите и да ги вршите во земјата која Господ, твојот Бог, ти ја дава во сопственост за сите денови што ќе ги живеете на земјата.
2Срамнете ги со земјата сите места на кои народите, кои ќе ги изгоните, им искажуваа почитување на своите богови, без обѕир на тоа дали се наоѓаат на високите планини, на ритчињата или под некакво зелено дрво.
3Урнете ги нивните жртвеници, искршете ги нивните столбови, изгорете им ги ашерите, здробете ги киповите на нивните богови, затрете им ги имињата од оние места.
4На Господа, својот Бог, не искажувајте Му онакво почитување.
5Барајте Го Господа, својот Бог, единствено на местото што Тој Самиот го одбра, среде сите ваши племиња, за да го стави таму Своето име и за да престојува таму;
6донесувајте ги таму своите паленици и своите закланици, своите десетоци и даровите на своите раце, своите заветни приноси и доброволните приноси и првородените од својот крупен и ситен добиток.
7Јадете таму, вие и вашите семејства, пред Господа, својот Бог; веселете се со сѐ што вашите раце го спечалија и што Господ, вашиот Бог, ви го додели со благослов.
8Не правете никако како што ние правиме тука денес - секој што нему му изгледа добро -
9зашто уште не стигнавте во Почивалиштето, во наследството што ти го дава Господ, твојот Бог.
10Но кога ќе преминете преку Јордан и се населите во земјата што Господ, вашиот Бог, ви ја дава во наследство, кога ќе ве смири од сите непријатели кои ќе бидат околу вас, па ќе живеете без страв,
11тогаш ќе донесувате сѐ што ви наредувам: своите паленици, своите закланици, своите десетоци, даровите на своите раце и сите свои избрани заветни приноси што ќе Му ги заветувате на Господа - на местото кое Господ, вашиот Бог, ќе го одбере за да го настани таму Своето име.
12Веселете се тогаш пред Господа, својот Бог, вие, вашите синови и ќерки, вашите слуги и слугинки, и левитот кој ќе биде во вашите градови, зашто тој нема дел со вас ни наследство.
13Внимавај да не ги принесуваш своите жртви паленици на било кое место што ќе го забележиш,
14туку само на местото што ќе го одбере Господ, во едно од твоите племиња. Таму принесувај ги своите паленици и таму да извршуваш сѐ што ти наредувам.
15Ама секојпат кога срцето ќе ти посака, можеш да заколеш и да јадеш месо во сите свои градови, според благословот што Господ, твојот Бог, ќе ти го дава. И нечистиот и чистиот може да го јаде, како да е од срна или од елен.
16Ама крв не јади; излејте ја на земја како вода.
17Во своите места на живеење не јадете го десетокот од своето жито, од своето вино, од своето масло ни првородените од својот крупен или ситен добиток; ниту нешто од своите заветувани и од своите доброволни приноси, ни од приносите на своите раце,
18туку тоа ќе го јадеш пред Господа, својот Бог, во местото кое Господ, твојот Бог, го избере, ти, твојот син, твојата ќерка, твојот слуга, твојата слугинка и левитот кој ќе биде во твоите градови. Провеселете се пред Господа, својот Бог, со сѐ што твоите раце создале.
19Внимавај никогаш да не го заборавиш левитот додека си во својата земја.
20Кога Господ, твојот Бог, го прошири твоето подрачје, како што ти рече, и речеш: ‘Јас би јадел месо“ - зашто сакаш да јадеш месо - можеш да го јадеш колку што ти сака душата.
21Ако местото, што Господ, твојот Бог, го одбра за да го смести во него Своето Име, биде далеку од тебе, тогаш можеш да заколеш што и да било од својот крупен или ситен добиток што Господ ќе ти го даде - како што веќе ти наредив - па да јадеш во кое и да е твое место на живеење колку што ти сака душата.
22Сепак јади го онака како што се јаде срна или елен: нека го јадат заедно чистите и нечистите.
23Само внимавај да не јадеш крв! Па крвта е живот. Не смееш да го јадеш животот со месото.
24Не јади ја; излеј ја на земјата како вода.
25Не смееш да ја јадеш, за да ви биде добро и тебе и на твоите синови по тебе, кога ќе го вршиш она што е право во Господовите очи.
26Ама своите посветени приноси и своите заветни приноси земи ги и носи ги на местото што Господ ќе го избере.
27Тука принеси ги своите паленици, месото и крвта, на жртвеникот на Господа, својот Бог. Ама крвта од своите закланици излеј ја врз жртвеникот на Господа, својот Бог, а месото изеди го.
28Пази ги и врши ги сите овие наредби што ти ги пропишувам, за да ви биде добро засекогаш тебе и на твоите синови по тебе, кога ќе правиш што е добро и праведно во очите на Господа, својот Бог.
29А кога Господ, твојот Бог, ги истреби народите против кои одиш да ги истераш од сопственоста пред себе, и кога ќе ги истераш па се населиш во нивната земја,
30чувај се да не паднеш во стапица; не тргнувај по нив откако ќе бидат уништени пред тебе. Не распрашувај се за нивните богови и не зборувај: ‘Како што оние народи ги почитуваа своите богови, така ќе направам и јас.’
31Не постапувај така кон Господа, својот Бог. Па на Господа Му е гнасно и замразено сѐ она што тие им правеа на своите богови. Зашто ги изгоруваа своите синови и ќерки во чест на своите богови.
32Пазете сѐ што ви наредувам; не додавај му ништо на тоа и не одземај му ништо.“
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.