1И чув силен глас од храмот, како им зборува на седумте ангели: „Одете и излејте ги седумте чаши на Божјиот гнев на земјата!“
2И првиот отиде и ја излеа својата чаша на земјата: и се појави лоша и лута рана на луѓето, кои ја имаа ознаката на Ѕверот и кои му се поклонуваа на неговиот лик.
3И вториот ја излеа својата чаша во морето: и стана како крв од мртовец и умре секое живо суштество во морето.
4И третиот ја излеа својата чаша во реките и во водните извори: и тие станаа крв.
5И го чув ангелот на водите како вели: „Праведен си, Господи, Кој си, и Кој си бил, зашто пресуди така;
6зашто тие ја пролеаја крвта на светите и на пророците, и крв им даде да пијат, тоа го заслужуваат!“
7И чув друг ангел од жртвеникот да зборува: „Да, Господи Боже, Сѐмоќен, Твоите судови се вистински и праведни!“
8И четвртиот ја излеа својата чаша на сонцето: и му беше дадено да ги пали луѓето со оган.
9И луѓето, горејќи од големата жега го похулија името на Бога, Кој има власт над овие зла, и не се покајаа да Му воздадат слава.
10И петтиот ја излеа својата чаша врз престолот на Ѕверот и царството му се помрачи и ги гризеа своите јазици од мака.
11И Го похулија небесниот Бог, заради своите маки и рани, и не се покајаа од своите дела.
12И шестиот ја излеа својата чаша врз големата река Еуфрат: и пресуши неговата вода, за да им се приготви патот на царевите од исток на сонцето.
13И видов како од устата на змевот и од устата на ѕверот и од устата на лажниот пророк излегуваат три нечисти духа како жаби;
14имено, тоа се демонски духови, кои прават чуда и одат при царевите на целиот свет, за да ги соберат за војна во великиот ден на Бога Сѐмоќниот.
15И ете, идам како крадец; блажен е оној, кој бдее и ги пази своите облеки, за да не оди гол и да не се гледа неговиот срам.
16И ги собра на местото на еврејски наречено Армагедон“ (Рид на Мегидо).
17И седмиот ја излеа својата чаша во воздухот: и од храмот излезе силен глас, од престолот, велејќи: „Се заврши!“
18И настанаа молњи и гласови и громови, и настана голем земјотрес, каков никогаш не бил, откако се луѓето на земјата; таков земјотрес, толку силен.
19И големиот град се раздели на три дела, и градовите на народите паднаа. И големиот Вавилон се спомна пред Бога, за да му се даде чашата со виното на Неговиот јаростен гнев.
20И сите острови побегнаа, и горите веќе не се наоѓаа.
21И голем град - тежок колку еден талант, падна од небото на луѓето, а луѓето Го похулија Бога, заради ова зло од градот, зашто неговото зло беше многу големо.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.