2 ЛЕТОПИСИ 18 - Библи?а: Стариот и Новиот Завет, Константинов(MKB)

4. Јосафатов сојуз со Ахава. Ахавов предлог

1Јосафат придоби големо богатство и слава, та се спријатели со Ахав.

2По неколку години дојде кај Ахава во Самарија. Ахав закла многу ситен добиток и говеда за него и за луѓето што беа со него, и го наговоруваше да тргне против Галадскиот Рамот.

3Израелскиот цар Ахав го праша јудејскиот цар Јосафат: „Сакаш ли да тргнеш со мене против Галадскиот Рамот?“ Тој одговори: „Јас сум како и ти, мојот народ е како и твојот, ќе дојдеме со тебе на војна.“

б. Лажни пророци на Ахав

4Јосафат уште му рече на израелскиот цар: „Де, посоветувај се пред тоа со Господа!“

5Тогаш израелскиот цар ги собра пророците, нив четири стотини, и ги праша: „Дали да завојуваме против Галадскиот Рамот или да се откажеме од тоа?“ Тие одговорија: „Оди, зашто Бог ќе му го предаде во рацете на царот.“

6Но Јосафат праша: „Има ли тука уште некој Господов пророк да го прашаме и него?“

7Израелскиот цар му одговори на Јосафата: „Има уште еден човек преку кого би можеле да Го прашаме Господа, но го мразам, зашто не ми пророкува добро, туку секогаш само зло, тоа е Михеј, синот Емлин.“ Јосафат рече: „Царот нека не зборува така!“

8Тогаш израелскиот цар повика еден дворјанец и му рече: „Бргу доведи го Емлиниот син Михеј!“

9Израелскиот цар и јудејскиот цар Јосафат седеа секој на својот престол, во свечени облеки, на гумното пред Самариската Врата, а пророците пророкуваа пред нив.

10Ханановиот син Седекиј си направи железни рогови и рече: „Господ вели вака: ‘Со нив ќе ги бодеш Арамејците додека не ги сотреш.’“

11Така пророкуваа и сите други пророци велејќи: „Оди против Галадскиот Рамот, ќе успееш: Господ ќе го предаде во рацете на царот.“

в. Вистинско пророштво на Михеј

12Гласникот кој отиде да го вика Михеја му рече: „Еве, сите пророци сложно му пророкуваат добро на царот. Зборувај и ти како еден од нив и проречи му успех!“

13Но Михеј одговори: „Живиот ми Господ, ќе зборувам она што ќе ми каже Бог!“

14Кога дојде пред царот, царот го праша: „Михеј, да тргнам ли во војна против Галадскиот Рамот или да се откажам од тоа?“ Тој одговори: „Одете и ќе успеете, зашто ќе ви бидат предадени во рацете!“

15Тогаш царот му рече: „Колку пати ќе те заколнувам за да ми ја кажеш вистината во Господово Име?“

16Тогаш Михеј одговори: „Го гледам сиот Израел распрснат по горите како стадо без пастир. И Господ вели: ‘Немаат веќе господар, нека се вратат дома во мир!’“

17Тогаш израелскиот цар му рече на Јосафата: „Нели ти реков дека нема да ми прорече добро, туку зло?“

18А Михеј рече: „Затоа чујте го Господовото слово: Го видов Господа како седи на Својот престол, а сета небеска војска му стоеше оддесно и одлево.

19Господ праша: ‘Кој ќе го заведе израелскиот цар Ахав за да отиде и да падне во Галадскиот Рамот?’ Еден рече ова, друг рече она.

20Тогаш влезе еден дух, застана пред Господа и рече: ‘Јас ќе го заведам!’ Господ го праша: ‘Како?’

21Тој одговори: ‘Ќе излезам и ќе бидам лажлив дух во устите на сите негови пророци.’ Господ му рече: ‘Ти ќе го заведеш. И ќе успееш. Оди и направи така!’

22Еве, така Господ стави лажлив дух во устите на твоите пророци; но Господ ти навестува зло.“

23Тогаш Ханановиот син Седекиј пристапи и го удри Михеја по образот, прашајќи: „Зар Господовиот Дух ме напушти мене, за да би зборувал со тебе?“

24Михеј одговори: „Ќе видиш во оној ден кога ќе бегаш од соба во соба, за да се скриеш.“

25Тогаш израелскиот цар нареди: „Фатете го Михеја и одведете го кај градскиот заповедник Амон и кај царскиот син Јоас.

26Речете им: ‘Царот вели вака: „Фрлете го овој во темница и држете го на сув леб и вода додека не се вратам во мир.“‘“

27Михеј рече: „Ако навистина се вратиш во мир, тогаш Господ не зборуваше преку мене!“ И додаде: „чујте сите народи!“

г. Пораз и смрт на Ахав

28Израелскиот цар и јудејскиот цар тргнаа против Галадскиот Рамот.

29Израелскиот цар му рече на Јосафата: „Јас ќе се преоблечам и тогаш ќе влезам во бој, а ти остани во твојата облека!“ Тогаш израелскиот цар се преоблече, и тие тргнаа во бој.

30Арамејскиот цар им нареди на заповедниците на бојните коли: „Не удирајте ни на мал ни на голем, туку само на израелскиот цар!“

31Кога заповедниците на бојните коли го здогледаа Јосафата, рекоа: „Тоа е израелскиот цар!“ И тргнаа против него да удрат. Но Јосафат извика за помош, та Господ му помогна и ги одврати од него.

32Кога заповедниците на бојните коли видоа дека тоа не е израелскиот цар, се свртија од него.

33Еден случајно го оптегна својот лак и го рани израелскиот цар меѓу наборот на појасот и оклопот. Царот му рече на возачот: „Тргни ја уздата и изведи ме од бојот, зашто сум ранет.“

34Во оној ден бојот беше сѐ пожесток, ама израелскиот цар се држеше простум во бојната кола спроти Арамејците сѐ до вечерта и умре при зајдисонце.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help