ЈОВ 24 - Библи?а: Стариот и Новиот Завет, Константинов(MKB)

б. Казнувањето на нечесниот не е секогаш јавно

1„Зошто времињата не се скриени од Семоќниот, а верниците не ги видуваат Неговите денови?

2Безбожниците ги преместуваат меѓите, ограбуваат стадо и го пасат.

3Им го одведуваат ослето на сирачето, го земаат во залог волот на вдовицата.

4Ги тераат бедните од патот; се кријат бедните на земјата.

5Како диви ослици во пустината рано одат да заграбат плен: пустината им ги храни децата.

6Тие собираат во туѓа нива, го берат лозјето на опакиот.

7Голите немаат облека ноќе, ни покривка против студот.

8Тие киснат од планинските поројни дождови; без засолниште, се долепуваат до карпата.

9Го оттгргнуваат сиракот од градата, земаат во залог дете од бедниот.

10Одат голи, немаат облека; изгладнети, носат туѓи снопови.

11Кои цедат масло меѓу ѕидовите; жедни, газат во каците.

12Луѓето на умирање офкаат низ градовите, и душите на ранетите викаат за помош, но Бог се оглушува на сѐ тоа.

13Има такви, кои ја мразат светлината: не ги признаваат нејзините патишта, ниту се придржуваат до нејзините патеки.

14Убиецот се крева во мракот, ги коле бедниот и сиромашниот.

15Окото на прељубникот копнее за примрак: „Никој нема да ме види,“ вели тој и го прекрива своето лице со превез.

16Во темнината ги пробива куќите, оние куќи, кои ги забележал дење. Тие не сакаат да знаат за светлина.

17Зората им е како смртна сенка: штом зазори силен страв ги фаќа.

18Тој е побрз од водите, избегнувајќи го патот преку лозјата, неговите имоти се проколнати во земјата.

19Како што горештината и жегата го впиваат снегот, така и Подземјето ги проголтува грешниците.

20Крилото што го роди го заборави, неговото име не се спомнува веќе; неправдата е скршена како стебло.

21Тој измачуваше жена неротка, не ѝ стори добро на вдовицата.

22Но оној што силно ги фаќа насилниците, станува, а за нив гасне сета надеж.

23Му даде сигурност, и тој се надева; со окото ги надгледуваше неговите патеки.

24Се воздигнаа за малку, а тогаш исчезнаа, се рушат и изгниваат како сите други, пресечени како главите на класовите.

25Не е ли така? Кој ќе ме изобличи во лага? Кој може да ги поништи моите зборови.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help