ИЗЛЕЗ 1 - Библи?а: Стариот и Новиот Завет, Константинов(MKB)

Размножување на Израел во Египет

1Ова се имињата на Израелевите синови, кои слегоа со Јакова во Египет, секој со своето семејство:

2Рувим, Симеон, Леви и Јуда;

3Исахар, Завулон и Венијамин;

4Дан и Нефталим, Гад и Асир.

5Вкупно беа седумдесет души Јаковови потомци. А Јосиф веќе беше во Египет.

6И Јосиф умре, а изумреа и сите негови браќа и целото тоа поколение.

7Ама Израелците беа родни, се намножија и многу се засилија, така што ја наполнија земјата.

8Тогаш во Египет завладеа нов цар, кој не го познаваше Јосифа.

9И тој му рече на својот народ: „Ете, Израелевите синови станаа броен народ и посилни од нас.

10Ајде, да постапиме мудро со нив: да им го спречиме растежот, за да не им се придружат на нашите непријатели во случај на војна, да не удрат на нас и на крај да си отидат од земјата.“

11И поставија врз нив надгледувачи да ги измачуваат со тешки работи. Така му изградија на фараонот градови - складишта: Питом и Рамзес.

12Ама колку повеќе ги измачуваа, тие уште повеќе се размножуваа, напредуваа и се ширеа, така што Египетците се плашеа од Израелците.

13И Египетците се нафрлија жестоко на Израелците.

14Им го загорчуваа животот со тешки работи: со правење на кал и плитари, со разни полски работи и со разновидни напори, што им ги наметнуваа немилостиво.

15Египетскиот цар им се обрна и на еврејските бабици, од кои името на едната ѝ беше Сепфора, а на другата Фуа, па им нареди:

16„Кога при раѓањето им помагате на Еврејките, набљудувајте: ако е детето машко, убијте го; ако е женско, нека живее.“

17Но бабиците се боеја од Бога и не правеа како што им нареди египетскиот цар, туку ги оставаа во живот машките деца.

18Затоа египетскиот цар ги повика бабиците и им рече: „Зошто работевте така и ги остававте во живот машките деца?“

19На тоа бабиците му одговорија на фараонот: „Еврејките не се како египетските жени. Тие се здрави. Тие веќе родиле пред да дојде бабицата кај нив.“

20Бог го прими тоа за добро на бабиците. Народот се множеше и многу порасте.

21А бидејќи бабиците се боеја од Бога, Тој им подари потомство.

22Тогаш фараонот му нареди на целиот свој народ: „Фрлете го во Реката секое машко дете, што ќе им се роди на Евреите! Само женските деца оставете ги во живот.“

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help