СУДИИ 10 - Библи?а: Стариот и Новиот Завет, Константинов(MKB)

Ј. Седми судија - Тола

1По Авимелеха стана Тола, синот Фуев, син Додов, за да го избави Израел. Тој беше од Исахаровото племе, а живееше во Самир, во Ефремовата Гора.

2Му беше судија на Израел дваесет и три години, а кога умре, го погребаа во Самир. К. Осми судија - Јаир

3По него стана Галатецот Јаир, кој му беше судија на Израел дваесет и две години.

4Имаше триесет синови, кои јаваа на триесет ослиња и имаа триесет градови, што се наречени до денешен ден Јаирови Села, а се наоѓаат во Галадската Земја.

5Кога умре Јаир, го закопаа во Камон.

Л. Деветти судија - Јефтај1. Шесто отпаѓање на Израел и поробување

6Израелевите синови продолжија да прават зло пред Господовите очи. Им служеа на ваалите и на астартите, на арамејските богови и на сидонските богови, на боговите на Моавците и на боговите на Филистејците. А Го напуштија Господа и веќе не Му служеа.

7Тогаш Господ пламна со гнев и ги предаде во рацете на Филистејците и Амонците.

8Оттогаш тие ги угнетуваа и ги измачуваа Израелците осумнаесет години - сите Израелци кои живееја отаде Јордан, во Аморејската Земја, што е во Галад.

9Потоа Амонците поминаа преку Јордан за да завојуваат и против Јуда и Венијамин, и против Ефремовиот дом, па Израел се најде во голема неволја.

2. Израел извикува кон Господа за избавување

10Тогаш Израелевите синови извикаа кон Господа, велејќи: „Грешевме кон Тебе зашто Го оставивме Господа, нашиот Бог, за да им служиме на ваалите.“

11А Господ им одговори на Израелците: „Нели ве угнетуваа Египетците и Аморејците, Амонците и Филистејците,

12Сидонците, Амаликците и Маонците? Но кога извикавте кон Мене, нели ве избавив од нивните раце?

13А вие ме оставивте Мене и почнавте да им служите на други богови. Заради тоа не ќе ве избавам веќе.

14Одете и викајте им за помош на оние богови што сте ги избрале! Тие нека ве избават од вашата неволја!“

15Израелевите синови Му одговорија на Господа: „Согрешивме! Прави со нас што Ти е угодно, само избави нѐ денес!“

16И ги отстранија туѓите богови и почнаа пак да му служат на Господа. А Господ веќе не можеше да трпи Израелците да патат.

17Кога Амонците се собраа и се влогорија во Галад, се собраа и Израелците и се влогорија во Миспа.

18Тогаш народот и галадските началнци си рекоа едни на други: „Кој човек ќе нѐ поведе во бој против Амонците, нека биде началник на сите жители на Галад.“

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help