1Сине мој, чувај ги моите зборови и запази ги моите заповеди при себеси.
2Пази ги моите заповеди, и ќе бидеш жив, и мојата поука како зеницата на своето око.
3Заврзи ги на своите прсти, запиши ги врз плочата на своето срце;
4речи ѝ на мудроста: „Моја сестра си“, и разумот наречи го роднина,
5за да те чуваат од жена прељубница, од туѓинка која зборува ласкаво.
6Кога бев еднаш при прозорецот на својата куќа и гледав надвор, низ решетката,
7видов меѓу лесноумните, забележав меѓу момчињата неразумен младец:
8Поминуваше по улицата покрај нејзиниот агол, и чекореше по патот кон нејзината куќа,
9во примрак, меѓу денот и вечерта, кога се спушта ноќната темнина.
10И ете, го сретна жена, облечена како блудница и со измама во срцето.
11Беше тврдоглава и разуздана, нејзините нозе не застануваа дома;
12беше час на улиците, час на раскрсниците, и дебнеше при секој агол.
13И го фати и го пољуби, и му рече, со безобразно лице:
14„Бев должна да принесам помирителна жртва и денес го исполнив својот завет;
15затоа ти излегов во пресрет, да те барам, и те најдов.
16Своето легло го послав со килими, со везени египетски покривачи;
17својата постела ја намирисав со смирна, алој и канела.
18Ајде да се ситиме со нежности до утрото и да се насладуваме во љубовта.
19Зашто мојот маж не е дома, отиде на далечен пат;
20зеде со себе ќесе со сребро, а ќе се врати дома одвај при полната месечина.“
21Така го заведе со своето наговарање, го одвлече со своите мазни усни.
22И тој тргна лудо по неа, како што волот оди на кланица и како што еленот, заплеткан во мрежата, чека
23додека стрелата не му го прониже црниот дроб, и како птицата што влетува во клопката, и не знаејќи дека тоа ќе ја чини животот.
24Затоа, сине мој, послушај ме, и чуј ги зборовите на мојата уста:
25Нека твоето срце не застранува по нејзините патишта, и нека не скита по нејзините патеки,
26зашто мнозина ги рани смртно и ги падна, и мнозина се оние што ги уби.
27Патиштата низ нејзината куќа водат во пеколот, долу во собите на смртта.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.