1 ЦАРЕВИ 4 - Библи?а: Стариот и Новиот Завет, Константинов(MKB)

Г. Соломонови придворници и началници

1Царот Соломон беше цар над сиот Израел,

2а еве ги неговите првенци: Азариј, синот Садоков, свештеник;

3Елиореф и Ахиј, синовите Сисини, летописци; Јосафат, синот Ахилудов, советник;

4Венаја, синот Јодаев, војсководач; Садок и Авијатар, свештеници;

5Азариј, синот Натанов, беше над намесниците; Завуд, синот Натанов, царев пријател;

6Ахисар, управител на дворецот; Елијав, синот Јоевов, заповедник на војската; Адонирам, синот Авдин, настојник над трудбениците.

7Соломон имаше по сиот Израел дванаесет намесници, кои што ги снабдуваа царот и неговиот дом; секому му доаѓаше ред по еден месец во годината да го подмирува тоа издржување.

8Еве ги нивните имиња: синот Уров во Ефремовата Гора;

9синот Декеров во Макаса, во Салвим, во Вет Семес, во Елон до Вет Ханан;

10синот Еседов, во Арувот; под него беше Сохо и сиот Еферски крај;

11синот Авинадавов, над сето Дорско Окружје; жена му беше Тафе, Соломонова ќерка,

12Вана, синот Ахилудов, во Тенахом и во Мегидон, и во сиот Вет Сан, што е покрај Сартана подолу од Езраел, од Вет Сана до Авел Меол, и до преку Јокмеам.

13синот Геверов во Галадскиот Рамот; негови беа селата на Јаир, синот Манасиев, што се во Галад; го имаше и подрачјето Аргов што лежи во Васан, шеесет тврди градови, опашани со ѕидови и со бронзени лостови;

14Ахинадав, синот Идов, во Маханаим;

15Ахимас во Нефталим; и тој се ожени со една Соломонова ќерка - со Васемата.

16Ванес, синот Хусаев, во Асир и на висорамнините;

17Јосафат, синот Фаруин, во Исахар;

18Симеј, синот Илин, во Венијамин;

19Гевер, синот Уриев во земјата Галад, земјата на Сион, аморејскиот цар, и на Ог, васанскиот цар. Освен тоа беше уште еден намесник во земјата.

Д. Издржување на Соломонов дворец

20Јуда и Израел беа многубројни, беа како песок на морскиот брег. Јадеа и пиеја и беа среќни.

21Соломон ја прошири својата власт над сите царства од Реката сѐ до Филистејската Земја и до египетската меѓа. Тие го донесуваа својот данок и му служеа на Соломона во сите денови на неговиот живот.

22Секој ден му требаше на Соломона за храна: триесет кори чисто брашно и шеесет кори обично брашно,

23десет згоени волови, дваесет волови од пасиште, стотина овци, освен елени, срни, диви кози и згоена живина.

24Зашто тој владееше над сѐ одваму Реката - од Тафсе до Газа, над сите цареви отаде Реката (Еуфрат) и имаше мир на сите граници наоколу.

25Јуда и сиот Израел живееја без страв, секој под својата лоза и под својата смоква, од Дан до Вирсавеа, во текот на сиот Соломонов век.

26Соломон имаше четириесет илјади коњи за влечење и дванаесет илјади за јавање.

27Тие намесници се грижеа за снабдување на царот Соломон и на сите што имаа дел на царскиот стол, секој по месец дена; и не дозволуваше ништо да подснема.

28И јачмен и слама за коњите и за влечниот добиток донесуваа на местото каде што се задржуваше, секој како што ќе му паднеше.

Ѓ. Извонредна Соломонова мудрост

29Господ му даде на Соломона мудрост и исклучителна разумност, и срце широко како песок на морскиот брег.

30Соломоновата мудрост беше поголема од мудроста на сите Израелеви синови и од сета мудрост на Египет.

31Беше помудар од сите луѓе, од Етан Езраит, од Еман, од Халкол и од Дарда, синовите Меолови; името му се расчу меѓу сите народи наоколу.

32Изрече три илјади мудри изреки, а неговите песни беа илјада и пет.

33Зборуваше за дрвата: од кедерот што е на Ливан па до ленот што ‘ртее на ѕид; расправаше за животните, за птиците, за лазачите и за рибите.

34Доаѓаа од сите народи за да ја чујат Соломоновата мудрост, од сите земски цареви, кои што го чуја гласот за неговата мудрост.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help