ПОСЛОВИЦИ 15 - Библи?а: Стариот и Новиот Завет, Константинов(MKB)

К. Јазик на мудар

1Благиот одговор ја ублажува јароста, а грубиот збор го зголемува гневот.

2Јазикот на мудрите луѓе го прославува знаењето, а устата на безумните истурува глупост.

3Господовите очи се на секое место и ги набљудуваат и лошите и добрите.

4Благиот јазик е дрво на животот, а пакосниот е рана за духот.

5Безумниот ја презира поуката на својот татко, а кој прима укор, е благоразумен.

6Во праведниковиот дом има големо изобилство, а нечесниот ја печали својата пропаст.

7Усните на мудрите сеат знаење, а срцето на безумникот е непостојано.

8Жртвата на нечесниот Му е омразена на Господа, а мила Му е молитвата на праведните.

9Патот на нечесните Му е омразен на Господа, а возљубен Му е оној, кој оди по правдата.

10Тешка казна го чека оној кој го остава правиот пат, а ќе умре кој го мрази изобличувањето.

11И Пеколот и Гибелта стојат пред Господа, а колку повеќе срцата на човечките синови.

12Потсмевачот не го љуби оној што го кори: тој не се дружи со мудрите.

Л. Награда на весело срце

13Веселото срце го разведрува лицето, а болката во срцето тешкотија е за духот.

14Разумното срце бара знаење, а безумничката уста се занимава со глупост.

15За натажениот сите денови се зли, а кому срцето е весело, на гозби е постојано.

16Подобро е малку со страв од Господа, отколку големо богатство и немир со него.

17Подобар е оброк со зеленчук каде е љубовта, отколку згоен вол каде е омразата.

18Гневливиот човек заметнува препирка, а стрпливиот ја стивнува расправата.

19Патот на мрзливиот е како глогово трниште, а патеката на праведникот е разгазена.

20Мудриот син го весели таткото, а безумниот ја презира својата мајка.

Љ. Поука во мудрост

21Лудоста е веселба за неразумниот, а разумниот човек оди право.

22Не успеваат намерите, каде што нема советување, а се остваруваат каде има многу советници.

23Човекот се радува на одговорот на својата уста, и зборот во право време колку е добар!

24За разумниот човек патот на животот оди нагоре, за да се отстрани од пеколот, што е долу.

25Господ го разурнува домот на гордите, а ја поставува меѓата на вдовицата.

26Омразени му се на Господа лошите мисли, а чистите зборови му се мили.

27Користољубивиот го разурнува својот дом, а кој го мрази поткупот, ќе живее.

28Праведниковото срце смислува одговор, а устата на нечесниот зборува злоба.

29Далеку е Господ од нечесните, а ја слуша молитвата на праведните.

30Бистриот поглед го развеселува срцето, и радосната вест ги гои коските.

31Увото што го послушува спасоносното изобличување живее меѓу мудреците.

32Кој отфрла поука ја презира сопствената душа, а кој прима поправка, се здобива со разум.

33Стравот од Господа е училиште на мудроста, зашто смиреноста оди пред славата.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help