ЕРЕМИЈА 33 - Библи?а: Стариот и Новиот Завет, Константинов(MKB)

3. Пророштво за Царство на Месија и за вечен Завет со Бога

1Додека Еремија уште беше затворен во темничкиот двор, и по вторпат му дојде Господовото слово:

2„Вака зборува Господ, Кој ја создаде земјата, ја вообличи и ја зацврсти - Името Му е Господ!

3‘Повикај Ме, и ќе ти одговорам и ќе ти откријам големи и недостижни тајни за кои што не знаеш ништо.’

4Зашто вака зборува Господ, Израелевиот Бог, за куќите на овој град и за дворците на јудејските цареви, разурнати заради насипи и меч,

5и за оние што зафаќаат борба со Халдејците за да ги наполнат своите куќи со телата на луѓето, што ги истепав во Својата расрденост и јарост, и го одвратив Своето лице од овој град заради нивните лошотии.

6Еве, Јас ќе ја исцелам нивната рана, Јас ќе ги оздравам и исцелам и ќе им пружам изобилство на вистинскиот мир.

7Ќе ја изменам судбината на Јудината Земја и на Ерусалим и ќе ги подигнам да бидат како некогаш.

8Ќе ги очистам од секој грев со кој согрешија против Мене, и ќе им ги простам сите вини што Ми ги скривија, одметнувајќи се од Мене.

9И Ерусалим ќе Ми биде радост, за фалба и за чест пред сите народи на светот: кога ќе чујат за сето добро што ќе им го поделам, ќе се восхитуваат и ќе ѝ се чудат на сета онаа среќа во мирот, што ќе им ја дадам.’

10Господ зборува вака: ‘На ова место за кое што вие велите: „Тоа е пустина без човек и без животинче“ - во јудејските градови и по запустените ерусалимски улици пак ќе се разнесуваат

11извици на радост, извици на младоженецот и невестата, воскликнувањата на оние кои што, во Господовиот Дом, ќе принесуваат жртви благодарници пеејќи: „Славете Го Господа над Воинствата, Зашто Господ е благ, Зашто вечна е Неговата милост!“ Зашто Јас ќе ја обновам земјата, За да биде како некогаш‘ - Говори Господ.

12Господ над Воинствата зборува вака: ‘На ова место што е сега пусто, без човек и без животинче, и во сите градови пак ќе има пасишта за пастирите, што ги одморуваат своите стада.

13Во градовите на Горјето, и во градовите на Шефел, и во градовите на Негев, во Венијаминовиот Крај, во околината на Ерусалим и во Јудините градови пак ќе поминуваат овците под раката на пастирите кои што ќе ги бројат - говори Господ.

14Еве, доаѓаат денови - говори Господ - кога ќе го исполнам доброто ветување што им го дадов на Израелевиот дом и на Јудиниот дом:

15Во оние денови и во она време ќе му подигнам на Давида праведен Подник. Тој ќе владее со земјата по правосудство и по правда.

16Во оние денови Јудеја ќе биде спасена, Ерусалим ќе живее спокојно. А градот ќе се вика: „Господ, наша Правда.“

17Зашто Господ зборува вака: „Никогаш на Давида не ќе му снема потомок, кој ќе седи на престолот на Израелевиот дом.

18И никогаш на левитите и на свештениците не ќе им снемаат потомци, кои ќе служат пред Мене и ќе принесуваат паленици, приносници со кадење и ќе жртвуваат во сите денови.’“

19И Господовото слово му дојде на Еремија:

20„Господ зборува вака: ‘Ако можете да го укинете Мојот Завет со денот и Мојот Завет со ноќта, така што ќе нема веќе ни ден ни ноќ во право време,

21ќе може да се укине и Мојот Завет со Мојот слуга Давид, та веќе не ќе има син, кој би царувал на неговиот престол, и со левитите и со свештениците, кои Ми служат.

22Како што не може да се изброи небесната војска ни да се измери морскиот песок, така ќе го размножам потомството на Својот слуга Давид, и на левитите и на свештениците кои Ми служат.’“

23И Господовото слово му дојде на Еремија:

24„Не забележа ли што зборуваат овие луѓе: ‘Господ ги отфрли двете племиња, што ги беше избрал за себе?’ И со презир го одречуваат Мојот народ како да не Ми е веќе Мој народ.

25Господ зборува вака: ‘Ако не го склучив Својот Завет со денот и со ноќта, и ако не им поставив закони на небото и земјата,

26би можел да го отфрлам потомството на Јакова и на Давида, Својот слуга, за да не земам веќе нивни потомок за владетел над Авраамовото, Исаковото и Јакововото потомство, кога ќе ја изменам нивната судбина и кога ќе им се смилувам.’“

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help