Псалми 68 - Нов превод на Псалмите од LXX 2024(MAK2024PS)

ПСАЛМ 68Слугата Господов е во голема неволја

1 44,1 За крајот. За она што ќе биде изменето; на Давид.

2 17,4; Јона 2,6 Спаси ме, Боже,

зашто водите стигнаа до душата моја.

3Во длабока кал западнав и нема дно;

дојдов во длабочините морски и бура ме потопи.

4 118,82.123 Се изморив викајќи, засипна грлото мое,

очите ми попуштија од надежта моја кон мојот Бог.

5 39,12; 34,19; Јн 15,25 Се намножија повеќе од влакната на главата моја

оние што без причина ме мразат;

се засилија непријателите мои,

оние што неправедно ме гонат;

го плаќав она што не го грабнав.

6Боже, Ти го позна безумието мое

и прегрешенијата мои од Тебе не се сокрија.

7Нека не се посрамат поради мене

оние што трпеливо Те чекаат Тебе, Господи, Господи на силите;

ниту поради мене да се посрамат

оние што Те бараат, Боже Израилев.

8 Ер 15,15 Зашто заради Тебе поднесував прекор,

срам го покри лицето мое.

9 Јов 19,13-15 Туѓинец станав за браќата мои

и странец за синовите на мајката моја.

10 118,139; Јн 2,17; Рим 15,3 Зашто ревноста за домот Твој ме изеде

и прекорите на оние што Те прекоруваа паднаа врз мене.

11 108,24-25 И со пост ја обвив душата моја

и тоа стана прекор за мене.

12И зедов вреќа за своја облека

и ним им станав за приказ.

13Против мене мрмореа оние што седат на портите

и за мене пееја пијаниците.

14 31,6; 101,13; Ис 49,8 А јас со молитвата своја итам кон Тебе, Господи;

време е на благоволението, Боже, во мноштвото на милоста Твоја;

услиши ме во вистината на спасението Твое.

15Спаси ме од калта, за да не заглавам;

да се избавам од оние што ме мразат

и од длабочината на водите.

16Да не ме потопи бурата водна,

ниту да ме проголта бездната,

ниту бунарот да ја затвори над мене устата своја.

17 108,21 Услиши ме, Господи, зашто добра е милоста Твоја;

според големото милосрдие Твое погледни на мене.

18 101,2; 142,7 Не одвраќај го лицето Твое од слугата Твој,

зашто сум нажален, брзо услиши ме.

19Погледни на душата моја и избави ја;

заради непријателите мои избави ме.

20Зашто Ти ги знаеш прекорот мој, и срамот мој и понизноста моја;

пред Тебе се сите угнетувачи мои.

21 Јов 6,14-15; Плач 1,2; Мт 26,40; Јн 16,32 Душата моја очекуваше прекор и мака;

и чекав некој што ќе се сожали, но немаше,

и утешители, но не најдов.

22 Мт 27,34.48 И ми дадоа за храна жолчка

и во жедта моја ме напоија со оцет.

23 Рим 11,9-10 Трпезата нивна нека им стане замка пред нив,

и отплата и соблазна.

24Да се помрачат очите нивни за да не гледаат

и плеќите нивни засекогаш свиткај ги;

25излеј го врз нив гневот Свој

и јароста на гневот Твој да ги стигне.

26 Дела 1,20 Нивниот двор да стане пуст

и во живеалиштата нивни никој да не живее.

27 70,11; Ис 53,4 Зашто оној што Ти го рани, тие го прогонуваа,

и на болката од раните мои, болка додадоа.

28Придај беззаконие на беззаконието нивно

и да не влезат во правдата Твоја.

29 2 Мојс 32,32; Ис 4,3; Дан 12,1; Фил 4,3; Откр 3,5 Да бидат избришани од книгата на живите

и со праведните да не се запишат.

30Сиромав и страдален сум јас;

спасението Твое, Боже, да ме прифати.

31 21,25-26 Ќе го фалам името на мојот Бог со песна,

ќе Го величам со пофалба;

32и тоа ќе Му се допадне на Бога повеќе од млад јунец,

на кого му растат рогови и копита.

33 21,26; 33,2; 69,4 Нека видат сиромасите и нека се зарадуваат;

барајте Го Бога и ќе живее душата ваша.

34 139,12 Зашто Господ ги услиша бедните

и затворениците Свои не ги понизи.

35Нека Го фалат небесата и земјата,

морето и сѐ што се движи во нив.

36 101,16.28; Ис 44,26; Ез 36,10; 5,11; Ис 65,9 Зашто Бог ќе го спаси Сион

и ќе се изградат градовите во Јудеја.

И таму ќе се насели

и ќе ја наследи;

37и потомството на слугите Твои ќе ја владее

и оние што го љубат името Твое ќе се населат во неа.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help