Јован 9 - Свето Евангелие 2008(MK2008)

ГЛАВА 9(Зачало 34)

1Кога одеше, виде еден човек, слеп од раѓање.

2Учениците Негови Го прашаа и рекоа: – Рави, кој згрешил, тој или родителите негови, та се роди слеп?

3Исус им одговори: – Ни тој, ниту родителите негови згрешиле, туку за да се јават делата Божји врз него.

4Јас треба да ги извршам делата на Оној што Ме испрати, додека е уште ден; оти настапува ноќ, кога не ќе може никој да работи.

5Додека сум во светот, Јас сум Светлината на светот.

6Штом го рече тоа, плукна на земја, направи кал со плунката и ги намачка со неа очите на слепиот,

7и му рече: – Отиди и измиј се во бањата Силоам – што значи: испратен. Тој отиде, се изми и прогледувајќи, дојде.

8А соседите и оние, кои порано беа го гледале дека бил слеп, велеа: зар не е овој што седеше и просеше?

9Едни велеа: тој е, а други: личи на него; тој, пак, велеше: јас сум.

10Тогаш го прашаа: – Како ти се отворија очите?

11Тој одговори и рече: – Еден Човек, Којшто се вика Исус, направи кал, ми ги намачка очите и ми рече: отиди во бањата Силоам и измиј се! Отидов, се измив и прогледав.

12Тогаш Му рекоа: – Каде е Он? Тој рече: – Не знам.

13Потоа го одведоа кај фарисеите човекот, кој порано беше слеп.

14А беше сабота, кога направи Исус кал и му ги отвори очите.

15Истото го прашаа и фарисеите: – Како прогледа? Тој им рече: – Ми кладе кал на очите и се измив, и гледам.

16Тогаш некои од фарисеите велеа: не е од Бога Овој Човек, штом не ја уважува саботата. Други рекоа: како може грешен човек да прави такви чуда? И настана расправија помеѓу нив.

17Пак му рекоа на слепиот: – Ти што велиш за Оној што ти ги отвори очите? А тој рече: – Пророк е.

18Но Јудејците не поверуваа за него дека бил слеп и прогледал, додека не ги повикаа родителите на оној што прогледал,

19и ги прашаа, велејќи: – Дали е овој вашиот син, за кого велите дека се родил слеп? Како, пак, сега гледа?

20Родителите негови одговорија и им рекоа: – Знаеме дека е овој наш син, и дека се роди слеп;

21ама како сега гледа, не знаеме; или, кој му ги отвори очите, не знаеме. Тој е голем; прашајте го него, самиот нека ви каже за себе.

22Ова го рекоа родителите, оти се боеја од Евреите; зашто Евреите се беа согласиле да биде исклучен од синагогата секој, кој ќе Го признае за Христа.

23Затоа и родителите негови рекоа: тој е возрасен, него прашајте го.

24Тогаш повторно го повикаа човекот што беше порано слеп и му рекоа: – Прослави Го Бога! Ние знаеме дека Оној Човек е грешен.

25А тој одговори и рече: – Дали е грешен, не знам; но знам дека бев слеп, а сега гледам.

26Пак му рекоа: – Што ти направи? Како ти ги отвори очите?

27Тој им одговори: – Јас веќе ви реков и не чувте; што сакате пак да чуете? Да не сакате, можеби, и вие да Му станете ученици?

28А тие го укорија и му рекоа: – Ти си Негов ученик, а ние сме Мојсееви ученици.

29Ние знаеме дека со Мојсеја говорел Бог; а Овој не знаеме од каде е.

30Одговори човекот и им рече: – Тоа е чудното, што вие не знаете од каде е, а мене ми ги отвори очите.

31Знаеме дека Бог не слуша грешници: но оној што Го почитува Бога и ја исполнува Неговата волја, него го слуша.

32Откако е веков, не се чуло некој да отворил очи на слепороден.

33И, ако Он не беше од Бога, не ќе можеше да направи ништо.

34Одговорија и му рекоа: – Сиот си во гревови роден, па зар ти нас ќе нѐ учиш? И го истераа надвор.

35Исус чу дека го истерале, па откако го најде, му рече: – Веруваш ли ти во Божјиот Син?

36Тој одговори и рече: – А кој е, Господи, па да поверувам во Него?

37Исус му рече: – И си Го видел, и Којшто зборува со тебе, – Он е.

38А тој рече: – Верувам, Господи! И Му се поклони.

Крај на неделата

(Зачало 35)

39И рече Исус: – На суд дојдов Јас во овој свет, за да прогледаат слепите, а оние што гледаат, да станат слепи.

40Го чуја тоа некои од фарисеите, кои беа со Него, и Му рекоа: – Зар сме и ние слепи?

41Исус им рече: – Да бевте слепи, грев немаше да имате; а сега велите оти гледате, затоа и гревот ви останува.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help