Лука 4 - Свето Евангелие 2008(MK2008)

ГЛАВА 4(Зачало 12)

1И сполнет со Дух Свети, Исус се врати од Јордан, и беше одведен од Духот во пустината;

Крај на вторникот

2четириесет дена беше искушуван од ѓаволот, и ништо не јадеше во тие дни;

3и Му рече ѓаволот: Ако си Син Божји, кажи му на овој камен да стане леб.

4А Исус му одговори и рече: – Напишано е, дека не само од леб ќе живее човекот, туку и од секој збор Божји.

5И кога Го одведе на една висока планина, ѓаволот, во еден миг, Му ги покажа сите царства на светот.

6И Му рече ѓаволот: – Тебе ќе ти ја дадам сета оваа власт, и нивната слава, зашто мене ми е предадена, и ја давам кому што сакам.

7Ако ми се поклониш, сето тоа ќе биде Твое.

8Но, Исус му одговори и рече: – Бегај од Мене, сатано, оти е напишано: „На Господа твојот Бог ќе Му се поклонуваш и само Нему ќе Му служиш“!

9И Го одведе во Ерусалим, и Го постави на стреата од храмот, па Му рече: – Ако си Син Божји, фрли се одовде долу!

10Зашто е напишано: „На ангелите Свои ќе им заповеда за Тебе, да Те запазат;

11и на раце ќе Те земат, да не си ја сопнеш некако ногата Своја на камен“.

12А Исус му одговори и рече: – Речено е: „Не искушувај Го Господа, својот Бог“!

13Па, откако заврши ѓаволот со сите искушенија, отиде од Него, за некое време.

14И се врати Исус со духовна сила во Галилеја; и се разнесе глас за Него по целиот тој крај.

15А Он поучуваше по синагогите нивни, прославуван од сите.

Крај на средата

(Зачало 13)

16И дојде во Назарет, каде што беше одраснал, и според обичајот Свој, еден саботен ден влезе во синагогата, па стана да чита.

17Му ја подадоа книгата на пророкот Исаија; и Он, штом ја отвори книгата, го најде местото, каде што беше напишано:

18„Духот Господов е врз Мене; затоа Ме помаза да им соопштам радосна вест на бедните. Ме испрати да ги исцелам скршените по срце, да им проповедам на заробените ослободување и на слепите прогледување, да ги пуштам на слобода напатените;

19да ја проповедам благопријатната година Господова“!

20И откако ја затвори Книгата и му ја даде на слугата, седна; и очите на сите во синагогата беа вперени во Него.

21И почна да им говори: – Денеска се исполни ова Писмо, што го чувте.

22И сите Му посведочија,

(Зачало 14)

И се восхитуваа на Неговите благодатни зборови што излегуваа од устата Негова

Крај на четвртокот и на Црковна нова година

и велеа: – Не е ли Овој синот на Јосифа?

23А Он им рече: – Секој од вас сигурно ќе Ми приговори: лекаре, излечи се сам! Направи го и овде, во Твојата татковина, она што чувме дека се случило во Капернаум.

24Па рече: – Вистина ви велам: ниеден пророк не е омилен во татковината своја.

25Навистина ви кажувам: имаше многу вдовици во Израилот, во деновите на Илија, кога се затвори небото три години и шест месеци, и настана голем глад по целата земја;

26и при ниедна од нив не беше испратен Илија, но само кај вдовицата во Сарепта Сидонска;

27и мнозина беа лепрозни во Израилот, при пророкот Елисеј, и ниеден од нив не се очисти, освен Сириецот Нееман.

28А кога го чуја тоа, сите во синагогата се исполнија со гнев;

29па, откако станаа, Го истераа надвор од градот и Го одведоа на врвот на планината, каде што беше соѕидан нивниот град, за да го турнат одозгора.

30Но Он си помина меѓу нив и си отиде.

Крај на петокот и на светителот

(Зачало 15)

31И слезе во Капернаум, во градот галилејски, и ги поучуваше во саботите.

32И се чудеа на Неговото учење, зашто зборот Му беше со власт.

33Во синагогата се наоѓаше еден човек, во кого имаше нечист бесовски дух, и тој извика гласно:

34– О, што имаш со нас Ти, Исусе Назарејче? Си дошол ли да нѐ погубиш? Те знам Кој си Ти, Светецот Божји.

35А Исус му заповеда, говорејќи: – Молкни, и излези од него! Па, откако го кутна насреде, бесот излезе од него и ништо лошо не му направи.

36И сите се уплашија, и расудуваа, говорејќи помеѓу себе: – Какви се овие зборови, со власт и сила им заповеда на нечистите духови и тие излегуваат?

Крај на саботата

(Зачало 16)

37Па се разнесе глас за Него по сите околни места.

38Штом излезе од синагогата, влезе во ку ќата Симонова; а тештата на Симона имаше силна треска, и Го помолија за неа.

39И, откако застана над неа, Он ѝ заповеда на треската и таа ја остави; и таа веднаш стана и им служеше.

40А на зајдисонце, сите што имаа болни од разни болести ги доведуваа при Него; и Он, полагајќи раце над секого од нив, ги исцелуваше.

41Од мнозина излегуваа бесови со викање, и велеа: – Ти си Христос, Синот Божји. А Он им забрануваше и не им дозволуваше да кажуваат, оти знаат дека е Он Христос.

42Кога се раздени, Он излезе и отиде на осамено место, а луѓето Го бараа, па кога дојдоа при Него, Го задржуваа да не си оди од нив.

43А Он им рече: – И на другите градови треба да им ја објавам радосната вест за царството Божјо, бидејќи за тоа сум испратен.

44И проповедаше по синагогите галилејски.

Крај на понеделникот

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help