Лука 20 - Свето Евангелие 2008(MK2008)

ГЛАВА 20(Зачало 99)

1Во еден од оние денови, кога Он го поучуваше народот во храмот и го проповедаше Евангелието, пристапија првосвештениците и книжниците со старешините

2и Му рекоа, велејќи: – Кажи ни, со каква власт го правиш тоа, или кој Ти ја дал таа власт?

3А Он им одговори и рече: – Ќе ве прашам и Јас еден збор, и кажете Ми:

4– крштението Јованово од небото ли беше, или од луѓето?

5А тие, помислуваа во себе, велејќи: ако кажеме од небото, ќе рече – а зошто не му поверувавте?

6Ако ли, пак, речеме – од луѓето, тогаш сиот народ ќе нѐ затрупа со камења, бидејќи е уверен дека Јован беше пророк.

7И одговорија: – Не знаеме од каде е.

8А Исус им рече: – Ни Јас нема да ви кажам, со каква власт го вршам тоа.

Крај на средата

(Зачало 100)

9И почна да му ја раскажува на народот оваа парабола: – Еден човек насади лозје и го предаде на лозари, па си отиде на подолго време.

10А подоцна, испрати кај лозарите еден слуга, за да му дадат од плодовите на лозјето; но лозарите го натепаа и го пуштија празен.

11И одново испрати друг слуга: но, тие и него го натепаа и го понижија, па го испратија празен.

12Испрати и трет, но тие и него го ранија и го избркаа.

13Тогаш господарот на лозјето рече: – Што да направам? Ќе го испратам својот возљубен син; можеби, кога ќе го видат, ќе се засрамат.

14Ама лозарите, штом го видоа, си помислуваа во себе, велејќи: – овој е наследникот, ајде да го убиеме и наследството ќе биде наше.

15И кога го изведоа надвор од лозјето, – го убија. Што ќе им направи, пак, господарот на лозјето?

16Ќе дојде и ќе ги погуби овие лозари, а лозјето ќе го предаде на други. А оние што слушаа рекоа: – Да не даде Бог!

17Но Он, кога ги погледна, им рече: – Што значи тогаш напишаното: „каменот што го отфрлија ѕидарите, стана камен аголен“?

18Секој што ќе падне врз тој камен, ќе се разбие; а врз кого тој ќе падне, – ќе го смачка.

Крај на четвртокот

(Зачало 101)

19И во тој час првосвештениците и книжниците сакаа да стават рака на Него, но се плашеа од народот; разбраа дека за нив ја кажа оваа парабола.

20И, следејќи Го, испратија и лукави луѓе, кои се претставуваа за праведни, за да Го фатат во некој збор и да Го предадат на поглаварите и на власта управникова.

21И Го прашаа, велејќи: – Учителе, знаеме дека право говориш и учиш, и не гледаш кој е кој, туку вистински поучуваш за патот Божји;

22дозволено ли е да даваме данок на царот, или не?

23А Он го разбра нивното лукавство и им рече: – Што Ме искушувате?

24Покажете Ми еден пенез: чиј лик и натпис има? Тие одговорија: – На царот.

25Па им рече: – Дајте го царевото на царот, а Божјото на Бога.

26И не можеа да ги покудат зборовите Негови пред народот, но се почудија на Неговиот одговор и замолкнаа.

Крај на петокот

(Зачало 102)

27Тогаш пристапија не кои од садукеите, коишто тврдат дека нема воскресение, па Го прашаа, велејќи:

28– Учителе, Мојсеј ни напиша: ако некој оженет умре без деца, брат му да ја земе неговата жена, и да го подигне потомството на брата си.

29Имаше седум браќа; и, првиот, откако се ожени, умре без деца;

30жена му ја зеде вториот, но и тој умре без деца;

31ја зеде и третиот, така исто и сите седуммина и умреа без деца;

32по сите нив, умре и жената;

33при воскресението, пак, на кого од нив таа ќе биде жена, бидејќи со седумтемина живеела?

34Им одговори Исус и рече: – Синовите од овој век се женат и мажат;

35но, оние што се удостоија да го добијат оној свет и воскресението од мртвите, ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат,

36и веќе не можат да умрат, оти се еднакви со ангелите и, бидејќи се синови на воскресението, – тие се и синови Божји.

37А дека мртвите ќе воскреснат, тоа го кажа и Мојсеј при капината, кога Го нарече Господа – Бог Авраамов, Бог Исааков и Бог Јаковов.

38А Бог не е Бог на мртвите, туку на живите, оти во Него се сите живи.

39На тоа, некои од книжниците рекоа: – Учителе, добро рече.

40И не смееја повеќе за ништо да Го прашаат. А Он им рече:

41– Како велат дека Христос е син Давидов?

42Та и самиот Давид вели во Книгата на псалмите: „Му рече Господ на Мојот Господ: седи од Мојата десна страна,

43додека не ги положам Твоите непријатели во подножјето на нозете Твои“.

44Па така, значи, Давид, Го нарече Господ; како тогаш да му е Он син?

Крај на понеделникот

(Зачало 103)

45И кога сиот народ слушаше, Он им рече на учениците Свои:

46– Чувајте се од книжниците, кои милуваат да одат променети и сакаат поздрави по пазариштата, предни места по синагогите и да се први на гозбите;

47кои ги подјадуваат домовите на вдовиците и лицемерно долго се молат; тие ќе добијат потешка пресуда.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help