Лука 17 - Свето Евангелие 2008(MK2008)

ГЛАВА 17

1И им рече Исус на учениците Свои: – Не е можно да не дојдат соблазни, но тешко на оној, преку кого доаѓаат;

2за него би било подобро да му обесат воденичен камен на вратот и да го фрлат в море, отколку да соблазни еден од овие малите.

(Зачало 84)

3Внимавајте на себе! Ако згреши против тебе братот твој, скарај го, и ако се покае, прости му.

4И ако седумпати на ден згреши против тебе и седумпати на ден дојде и ти рече: се кајам, – прости му!

Крај на петокот

5И Му рекоа апостолите на Господа: – Засили ја верата во нас.

6А Господ им рече: – Да имавте вера колку синапово зрно, ќе ѝ речевте на онаа смоква: откорни се и пресади се в море, и таа би ве послушала.

7Кој од вас, кога ќе се врати неговиот слуга од поле, орач или овчар, веднаш ќе му рече: дојди бргу и седни на трпеза?

8Нема ли да му рече: – приготви ми да вечерам, препаши се и служи ми додека јадам и пијам, а потоа, ти ќе јадеш и пиеш?

9Зар ќе му благодари на тој слуга што ја исполнил неговата заповед? Мислам, не.

10Па така и вие, кога ќе исполните сѐ што ви е заповедано, речете: – ние сме слуги непогодни, оти го извршивме она што бевме должни да го извршиме.

Крај на саботата

11И кога одеше за Ерусалим, Он поминуваше меѓу Самарија и Галилеја.

(Зачало 85)

12И кога влегуваше во едно село, Го сретнаа десет лепрозни и застанаа подалеку,

13па со силен глас повикаа: – Исусе Наставниче, смилувај се!

14Штом ги виде, им рече: – Отидете и покажете се на свештениците. И тие, одејќи, се очистија.

15А еден од нив, кога виде дека е излечен, се врати и Го прослави Бога гласно;

16и падна ничкум пред нозете Негови, благодарејќи Му. А тој беше Самарјанин.

17Исус, пак, одговори и рече: – Зар не се излечија десетмина? Каде се деветте?

18Како не се најдоа и други да се вратат и да заблагодарат на Бога, туку само овој другородец?

19И му рече: – Стани, оди си; твојата вера те спаси!

Крај на неделата

(Зачало 86)

20Запрашан од фарисеите, кога ќе дојде царството Божјо, Он им одговори: – Царството Божјо нема да дојде забележливо,

21ниту ќе речат: – еве, овде е, или: ене, онде е. Зашто царството Божјо е во вас внатре.

22И им рече на учениците: – Ќе дојдат дни кога ќе сакате да видите еден од деновите на Синот Човечки и нема да видите;

23и ќе ви речат: – еве, овде е, или: ене, онде е, – не одете и не барајте;

24зашто, како што молњата, кога ќе светне од едниот крај на небото, го осветлува другиот, така ќе биде и Синот Човечки во Својот ден.

25Ама, најнапред Он треба многу да пострада и да биде отфрлен од овој род.

Крај на понеделникот

(Зачало 87)

26И како што беше во Ноевите дни, така ќе биде и во деновите на Синот Човечки:

27јадеа, пиеја, се женеа, се мажеа, сѐ до оној ден, кога Ное влезе во бродот, и дојде потопот, па ги погуби сите.

28Исто така, како што беше во Лотовите дни: јадеа, пиеја, купуваа, продаваа, садеа, ѕидаа;

29но, во истиот ден, кога излезе Лот од Содом, падна од небото оган и сулфур и ги изгоре сите;

30така ќе биде и во денот, кога ќе се јави Синот Човечки.

31Во тој ден, кој ќе биде на покрив, а покуќнината му е в куќи, нека не слегува да ја земе; и кој ќе биде в поле, исто така, да не се враќа.

32Сеќавајте се на Лотовата жена.

33Кој сака да ја спаси својата душа, ќе ја погуби; а кој ја погуби, ќе ја оживи.

34Ви велам: во таа ноќ ќе бидат двајца во една постела: – едниот ќе го земат, а другиот ќе го остават;

35две жени ќе мелат заедно: – едната ќе ја земат, а другата ќе ја остават;

36двајца ќе бидат на нива: – едниот ќе го земат, а другиот ќе го остават.

37И кога одговорија, Му рекоа: – Каде Господи? А Он им рече: – Каде што е телото, таму ќе се соберат и орлите.

Крај на вторникот

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help