Откровение 18 - Динамичен превод на Новиот завет на македонски ?азик(MNT)

1Потоа видов еден друг ангел како слегува од небото. Тој имаше голема моќ и од неговиот сјај светна и Земјата.

2Ангелот извика со силен глас: „Падна, падна големиот Вавилон и се претвори во живеалиште на демони, гнездо на сите нечисти духови и гнасни птици, дувло на сите гнасни животни!

3Зашто сите народи ги опијани со жестокото вино на својот блуд! Сите владетели на Земјата блудничеа со вавилонската блудница, а сите трговци на Земјата се богатеа од нејзината необуздана похот“!

4Тогаш од небото се јави еден друг глас, кој рече: „Истапи од вавилонската блудница, народе Мој! Не учествувај во нејзините гревови, за да не станеш соучесник во нејзината казна!

5Зашто нејзините гревови се напластија до небото, и Господ ќе ја казни за нејзината изопаченост!

6Направете и како што таа ви правеше вам, вратете и двојно за злото што таа ви го стори! Нека испие двојно погорчлива напивка од онаа што им ја даваше на другите!

7Зададете и толку маки и жалости, колку што раскош и уживања самата си даваше! Во своето срце таа се фалеше: ,Еве, седам како кралица, а не како вдовица; за мака нема никогаш да знам!‘

8Затоа, во еден ист ден ќе биде погодена со жалост, глад и смрт! Во оган ќе биде изгорена, зашто Судија ќе и биде Господ, моќниот Бог!“

9А владетелите од целата Земја, кои соучествуваа во нејзиниот блуд и уживаа во нејзиниот раскош, ќе плачат по неа и ќе тагуваат кога ќе го видат димот од огнот што ќе ја изгори.

10Ќе стојат понастрана, исплашени од нејзините страдања и ќе лелекаат: „Леле, леле, величествен граде Вавилоне! Во еден миг се истури врз тебе Божјата пресуда!“

11Плачат и тагуваат трговците на Земјата, зашто никој веќе не ја купува нивната стока:

12изработките од злато, сребро, скапоцени камења; од бисер, од ленено платно и од пурпур, од свила и од скерлет, од разни видови на миризливо дрво, предмети од слонова коска, од скапоцено дрво, од бронза, железо и од мермер;

13цимет и балсам, мириси и мелеми, темјан и вино, масло, бело брашно и пченица, говеда и овци, коњи и коли, робови и живи луѓе ...

14„Одземени ти се плодовите по кои копнееше; сиот раскош и слава ги загуби засекогаш и никогаш повеќе нема да ги добиеш!“

15Трговците што тргуваа со сите овие работи, кои таа ги збогати, ќе стојат на оддалеченост, исплашени од нејзините маки, ќе плачат и ќе тагуваат велејќи:

16„Леле, леле, величествен граде, облечен во свила и пурпурно-црвена облека, накитен со злато, со скапоцени камења и со бисери!

17За еден миг исчезна твоето огромно богатство!“ А на морето сите сопственици на бродови, кормиларите, патниците и морнарите и сите што тргуваа по море стоеја поскраја

18и, гледајќи го димот од огнот во кој гореше Вавилон, извикуваа: „Немаше друг град како овој!“

19Си ги посипуваа главите со прав, и со плачење и тага говореа: “Леле, леле, величествен граде! Сите сопственици на бродови се богатеа од твојот раскош. А сега за миг испусте!“

20Но небото се радува, а со него и Божјите свети луѓе, апостолите и пророците, зашто, осудувајќи го Вавилон, Бог докажа дека тие беа во право!

21Тогаш еден силен ангел зеде камен, голем како воденички камен, го фрли во морето и извика: „Вака, со еден замав, ќе биде стрмоглавен величествениот град Вавилон и никогаш повеќе нема да се подигне!

22Во него нема повеќе да се чуе музика од харфи и пејачи, свирачи или трубачи. Никаков работник, од ниеден занает веќе нема да се најде во тебе и мелниците ќе замолкнат засекогаш.

23Веќе нема да се види светлина од светилка во тебе, ни глас од младоженец и од невеста нема да се чуе во тебе. Зашто, твоите трговци господареа со светот; со своите магии ти ги заблуди сите народи.

24Во тебе се пролеваше крвта на пророците и на Божјите свети луѓе и на сите погубени од целиот свет!“

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help